Европски искуства за поддршка на процесот на дигитализација во земјите од Западен Балкан – Формиран Советот за дигитална трансформација во рамки на германскиот институт Хајделберг

Формиран Советот за дигитална трансформација во рамки на германскиот институт Хајделберг

Формирање на силен фронт помеѓу образовните институции, граѓанскиот сектор и ИКТ индустријата со цел поддршка на напорите на јавните институции и приватниот сектор на земјите од Западен Балкан во насока на воспоставување на одржлива дигитализација која е од интерес на секој граѓанин – ова е основата на потпишаниот Меморандум за соработка склучен помеѓу високообразовната установа Хајделберг Институт (IBMHS) и Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (IDUEP).

„Процесите предводени од сојузната германска влада во пост-ковид периодот, кон кои целат сите земји од Западниот Балкан, треба да завршат во правец на имплементација на проекти за дигитална трансформација и активна партиципација на граѓаните, компаниите и државните институции во процесот на дигитална трансформација. Ова е една од главните причини зошто го формираме Советот за дигитална трансформација во рамките на Хајделберг институтот со што сме убедени дека во огромна мера ќе придонесеме за обединувањето на сите напори кои различни субјекти неуморно ги вложуваат за дигитализација на земјите од Западен Балкан. Потребно е да ги црпиме најдобрите европски и светски практики и заеднички да ги вградиме во она што ќе се нарекува позитивна дигитална пракса како нов симбол за западнобалканските земји“, истакна проф. д-р Синиша Наумоски, претседател на Академскиот Совет на АБИТ и претставник на УО во Скопје на Институтот за бизнис и менаџмент од Хајделберг.

Со одлука на Деканската управа на Хајделберг Институтот за претседател на Советот за дигитална трансформација е избран м-р Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми со долгогодишно искуство и раководител на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.

„Дигитализацијата може да биде успешна само доколку добие поддршка од секој човек и секој субјект, а тоа е единствено можно ако ги покажеме нејзините придобивки за целото општество. Само за пример, македонската статистика веќе бележи дека просечната плата во ИТ и сродните индустрии изнесува високи 73 илјади денари. Исто така, многу млади се решаваат да останат и да живеат во своите земји наместо да мигрираат единствено поради можностите кои им ги дава легалната работа преку интернет платформите како Апворк и слични. Всушност, ако им мислиме добро на овие генерациите млади, кои се сегашност и иднина на регионот и светот, тогаш мора да вложуваме заеднички многу повеќе во процесот на дигитална трансформација на јавните услуги, но и за поедноставување на бирократските процедури кои се една од причините за нефункционирање на системот, односно мотивација за младите да емигрираат по секоја цена“, посочи м-р Бојан Кордалов по изборот за претседател на Советот за дигитална трансформација.

Бројот на членови на Советот нема да биде ограничен, а ќе функционира и по принципот на групи во форма на работни тела, специјализирани по области од доменот на дигиталната трансформација. Покрај предавачите и раководителите на програми во рамки на Хајделберг Институтот, на почетокот ќе членуваат и успешни и истакнати професионалци од областа на ИКТ индустријата и дигитализацијата, како и алумнисти на Институтот и млади лица кои се залагаат за дигитална трансформација на општествата од Западен Балкан.

Регионалната балканска мрежа на високообразовната установа „Хајделберг Институт“ со седиште во Скопје е основана во 2017 година од страна на ФОРУМ – Институтот за менаџмент од Хајделберг. Мисијата на Хајделберг Институт е создавање на современи концепти на специјализирано извршно постдипломско образование и воспоставување нови образовно – професионални стандарди засновани на обука преку анализа на неформален образовен систем.

Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи е регионална граѓанска организација со седиште во Скопје. Формиран во 2009 година, ИДУЕП активно работи во сферата подигање на јавната свест во делот на доброто управување и евроатлантската интеграција, а особено презентирање на придобивките и предностите од процесот на севкупна дигитална трансформација на општествата во Западен Балкан.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on email
Email