Трилатерална средба помеѓу Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, Делегацијата на германското стопанство и претставници од Хајделберг и Манхајм: Што понатаму?

Во рамките на официјалната посета на германската делегација во Скопје, претставниците од управата на Институтот во Хајделберг и Баден-Виртемберг и дел од раководството од Државниот дуален универзитет од Манхајм – DHBW, остварија трилатерална средба со претставници од Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, од една, и Делегацијата на германското стопанство во РСМ, од друга страна. Фокус на средбата беше воведувањето и адаптацијата на германските дуални високообразовни студии во нашата земја.

Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје беше претставена од страна на г-дин Ото Граф, во функција на заменик-амбасадор и раководител на економскиот оддел. Германската амбасада активно ја поддржува оваа иницијатива за трансформирање на македонскиот образовен систем преку воведување на дуалниот концепт, со трансфер на знаење и практики од најдобрите универзитети / школи во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт.

„Разговараме за можности да се воспостави понатамошна опција за образование на младите и јас сум голем оптимист дека ќе најдеме решение за ова да продолжи.“ – изјави заменик-амбасадорот Граф

Делегацијата на германското стопанство во РСМ ја претставуваше Дејан Чуповски, проектен менаџер за дуално стручно образование. За време на средбата, Чуповски поентираше: „Говорам како проектен менаџер на програмата за дуално стручно образование, која ја спроведуваме од 2017 година. Тука сме да ја процениме состојбата и да откриеме дали има можности за воспоставување програма за дуални студии на универзитетско ниво.“

Германските претставници беа: проф. д-р Улрих Цајтел, претседател на Управниот одбор на Институтот за бизнис и менаџмент ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје, Извршен директор на ФОРУМ Институтот за менаџмент и професор на Хајделберг Универзитетот во Германија, д-р Бриџит Спилман (член на Одборот на Институтот Хајделбе­рг), проф. д-р Георг Наглер (ректор на Државниот дуален универзитет за соработка во Баден-Виртемберг -​ The Baden-Württemberg Cooperative State University – DHBW) и Торге Фишер (консултант за образование во DHBW).

Ректорот на Државниот дуален универзитет од Манхајм – DHBW, проф. Наглер, заокружи: „Постои тесен контакт меѓу германските економски тенденции и македонскиот развој. Мислам дека повеќе од 100 години дуалното образование на професионален план покажа дека на овој начин младите може да се едуцираат и да изградат свое место во државата и приватниот бизнис океан.“

Со тоа, Институтот започнува едно ново поглавје во неговото, речиси петгодишно постоење, со целосно ребрендирање и реструктурирање како IBMHS – STATE DUAL UNIVERSITY STUDIES. За таа цел, во периодов што следува, предвидена е поинтензивна комуникација со сите чинители на бизнис секторот  и државата, а во насока на соработка за вмрежување на германските и домашни компании, преку новиот концепт на учење и работа кои се во ТИРЗ  и надвор од нив, со таргетирани мерки и програми согласно концептот на дуалното високо образование. Првата јавна дебата која е предвидена како панел дискусија, во рамките на Институтот Хајделберг, ТИРЗ, Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ), Стопанските комори и Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, ќе биде посветена на: „Германското дуално високо образование и врската со бизнис секторот“.

Настанот ќе се одржи на 22.07.2022 година, каде се очекува слободна дебата и размена на аргументи помеѓу присутните со цел трансформација на досегашните практики и одговор на новите пазарни побарувања. Поконкретно, ќе се дискутира за потребата од трансформација во образовните процеси, недостиг на кадри, младинска невработеност и работна миграција на младите во земјите од ЕУ, со особен фокус на адаптација на германскиот дуален високообразовен модел во нашата земја.

Целиот настан, односно панел дискусијата помеѓу учесниците/чките ќе се одвива со физичко присуство, а сите заинтересирани ќе можат да ја проследат преку онлајн платформите на Институтот Хајделберг. Повеќе информации во периодот што следи.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on email
Email